10 причини зошто да протестираш против полициската бруталност

понеделник, 13 јуни 2011 @ 02:04 UTC

  • Пешачиш по неколку километри дневно, секој ден во шест, после ручек. Лекарите препорачуваат вежбање по долгите часови пред компјутер, добро е за здравјето, добро е за линијата. Се стегаш за на плажа;
  • Се гледаш со луѓе со кои одамна не си се видел/а во градот и запознаваш нови;
  • Имаш шанса да седнеш на „Илинденска“ бб;
  • Домашните обрвски никогаш не се толку интересни;
  • Им правиш кондиционен тренинг на полицајците (им треба на некои);
  • Не мора да стоиш на црвено;
  • Имаш за што да зборуваш - протестите се добар conversation starter (а тоа е важно бидејќи);
  • Сите добри девојки се на протест;
  • Домашните ќе те гледаат на ТВ;
  • Или ништо од ова горе не ти е важно, пошто знаеш дека сѐ е залудно ако утре те најдат мртов во ендек, убиен од полицаец кој никогаш нема да одговара за тоа. Ништо друго не ти е важно и знаеш дека сега мора да го дигнеш гласот да се спречи неодговорноста на структури во МВР. Неодговорноста пред законите, пред уставот и пред граѓаните. Полициската бруталност мора да сопре и МВР мора да се доведе во ред. Слободата ти е мила, а цената на слободата е вечна будност. Можеби твоите дејства ти се чинат бесмислени, но сеедно мора да делуваш, бидејќи кога и да се направи поделба помеѓу слободата и правдата ниту една од двете не е безбедна.

[permalink]


Протестирам!

петок, 10 јуни 2011 @ 13:15 UTC

Не сум анархист, ниту комунист или револуционер. Работам во корпорација, 40 саата неделно во канцеларија, верувам во демократија и правна држава, плаќам данок и мислам дека капитализмот е колку толку ок економски систем.

Мартин Нешковски и Игор Спасов не ги познавам, и приказната за нив да беше „Пијаниот Мартин влетал во препирка со Игор, по што настанала тепачка, во која Мартин се здобил со фатални повреди, а Игор е приведен од полицајците…“ или пак подобрата верзија „… полицијата ја спречила тепачката на двајца на плоштадот“ - нема да ми беше ич гајле.

Но вистинската приказна е дека Игор Спасов бил полицаец во цивилно (специјална единица Тигри). Откога го усмртил Мартин, заедно со негови колеги го одвлечкале телото на друго место. Им пристапиле униформирани полицајци кои не превземале ништо. Следниот ден, министерството за внатрешни објавува: » Очевидци на настанот за полицијата изјавиле дека неколку минути пред полноќ, на плоштадот Македонија, каде што се одржувала културната манифестација "Баскер фест" на непознатото момче му се слошило « и дека » првично било констатирано дека на телото на починатото момче немало видливи траги на насилство «

Е ЗАТОА ПРОТЕСТИРАМ!

Денес знаеме дека мртвото момче било претепано, му бил скршен носот, тоа го виделе и униформираните полицајци и колегите на Игор - но и други луѓе кои биле на плоштадот. А МВР молчеше!

Во тој момент, моментот кога се обидуваат да прикријат дека имало убиство, МВР станува соучесник на убиството! Тоа е моментот кога се руши секаква доверба во системот.

Е ЗАТОА ПРОТЕСТИРАМ!

Протестирам за да се воведе ред и контрола врз МВР. Протестирам за да се врати довербата во полицајците. Протестирам за да нема веќе страв.

Ова не е прв пат средбите со полицијата да завршат трагично, а случајот да се заташка. Кога никој не бара одговорност за овие настани, дел од полицајците ќе помислат дека се богови, дека се над законите и дека можат да прават што сакаат. За нив не е важен животот на некое дете, тие може да претепаат, да прегазат, да убијат било кого и да си продолжат со нормален живот.

Но тоа не е полиција, тоа е башибозук, војска без водач, без морал, без одговорност. Безумна банда на која ако и дозволиме да опстане во државава ќе премине во тиранија - граѓаните ќе им робуваат на силеџиите.

Протестирам за да не се повтори!

Во понеделникот, министерката за внатрешни работи веќе имаше доволно индикации дека информациите кои ги добива и фактичките состојби не се поклопуваат. Под сомнение дека припадници на МВР се соучесници на убиство, а случајот се заташкува, тоа е моментот кога таа требаше да ги насочи сите свои напори кон целосно расветлување на случајот. Наместо тоа, таа одбра да се препуцава со партиите од опозицијата, како да не е министер за сите граѓани, туку е партиски мегафон. Тоа е моментот кога министерката ја губи секоја доверба. Тоа е моментот од кога од неа се бара одговорност и оставка.

И залудни се повиците на Иво Котевски, потпарол на МВР, очевидците да се пријават во полиција. АЛО Иво! Полицајци извршуваат убиство, го прикриваат, униформираните полицајци молчат од страв за случката, а ти бараш некој обичен граѓанин да оди во полиција да каже дека се видел!?? Дали си ти нормален? Или луд? НЕМА ДОВЕРБА ВО ПОЛИЦИЈАТА ПА ЗА НЕКОЈ ГРАЃАНИН САМ ДА СЕ ПРИЈАВИ ДА ГО УБИЈАТ!

Е ЗАТОА ПРОТЕСТИРАМ!

за подобро утре

[permalink]


Избори, Политики, Демократии (и видео ленти?)

петок, 03 јуни 2011 @ 14:26 UTC

Сакале или не, сите ние имаме некои политички ставови. Без разлика колку ни се гадни предизборните кампањи, билбордите со грди фаци, предкооперациските финти на митинзите - колку и да сакаме да побегнеме од целиот тој циркуз на глупост и невкус, сепак ние сме политички луѓе... Дали алкохолот треба да се продава по 19 часот или не, дали во кафичите треба да е дозволено пушење, дали улиците треба да имаат патека за точаци, колкав треба да биде буџетот и како да се алоцира (дали за образование, или полиција, или инфраструктура), прогресивен или линеарен данок, споменици или болници, субвенционирано или приватно здравство... сето тоа се политички прашања за кои нема лесен одговор.

Техничките прашања лесно се одговараат, може да се пресмета и увиди дали на некоја улица и се потребни поправки. Но кога имаш ограничени средства, многу е потешко да се утврди кога таа улица треба да се поправа (пред или по избори), со кои пари, и дали не е подобро истите пари да се инвестираат во некое школо, или во друга улица на која исто и треба поправање.

Исто така лесно е да се детектира дека на администрацијата и е потребна компјутеризација (т.е автоматизирање на процесите со примена на информатичка технологија), но сосема друго прашање е дали државата треба да вложува во затворени производи на приватни компании (vendor lock-in), или да вложува во одржливи системи базирани на слободен софтвер од кои сите граѓани би имале корист.

Нашиве партии се чини политичките ставови најмалку ги интересираат. И оваа изборна кампања се сведе на кој повеќе ќе пљука по другите и ќе се дере ко да кажува нешто многу важно. Така е и полесно, бидејќи ако се заложат за некои конкретни ставови, идеи и проекти, после ќе треба и да го одработат тоа.

А вака, луѓето со изградени ставови, згрозени, нема да излезат на избори или ќе го поништат ливчето, а тие што се палат на лидери и едноумни толпи, уредно ќе си ги наполнат избирачките кутии. А пак тоа ја гради следната генерација на политичари, кои гледаат дека само со се повеќе урлање и примитивизам се добива шанса за промовирање на своите политики. (cue in: NiN - The Downward Spiral)


Некои нема да гласаат чуствувајќи дека му дале власт некому - но твојот глас не треба да дава власт, туку да ја обврзе власта да ги исполни твоите очекувања.

Некои пак не сакаат да гласаат за некој што ќе (би) изгуби(л) - но гласањето не е навивање за омилениот фудбалски тим, нити треба да гласаш за да победи некој, нити мора да гласаш за омилената партија.

Треба да гласаш за да го афирмираш твојот политички став, да кажеш дека си спремен да го вложиш твојот глас во демократскиот систем, да кажеш дека и за твоит