Не сакав да пишам одговор на чудниот пост на Bi, но некако ме држеше некое непријатно чувство и морам да се ослободам од него.

Bi прашува „Зошто не бевте присутни вие од слободен софтвер?“ ... само не можам да сфатам кон кого е наменето прашањево? Кој тоа требало да биде присутен? Кој е нападнатиот? Кој е оштетениот со тоа што некој не бил присутен? И што е штетата? Некако во текстот на Bi прочитав многу предрасуди и одредена конфузија.

Но прво, морам да кажам збор два за „Слободен Софтвер Македонија (2С.мк)“.

Постои организацијата „Слободен Софтвер Македонија“ - непрофитно граѓанско здружение, кое постои само затоа што мора - да биде чадор под кој ќе ја помогне заедницата, за кој сите ќе можат да се фатат - т.е. конечно, да даде потпис и печат таму каде што без нив не можеш да припариш.

И постои заедницата, вистинската вредност што треба да се негува и збогатува. Заедницата е составена од многу луѓе, различни луѓе, со различни ставови и мислења - едни ја обожаваат евровизија, други не можат да ја смислат. Луѓето во заедницата се здружиле со различни мотиви, некои барат можност за профит, некои од забава, некои од хоби, некои од етички/еколошки причини. Различни луѓе - и во тоа е вредноста на оваа заедница - но се обединиле заради својот интерес кон слободниот софтвер, за да го помогнат да се заштити, за да помогнат да се развива, за да си помогнат меѓу себе. Меѓутоа, на крајот од денот тие луѓе ќе си имаат различни ставови и мислења за животот, општеството и културата - и така мора да остане. Една од причините заради која бев резервиран за создавањето на организацијата „слободен софтвер македонија“ некаде во 2002, беше и опасноста да се загуши слободната заедница преку обид да се хомогенизира - се надевам тоа не се случи.

Затоа не можам да сфатам кој е прозваниот „вие од слободен софтвер?“? Нели на прес-конференцијата биле Bi, Стојанче, Божо, Струмјан и други? Нели се сите они од заедницата? Дамјан, Новица и не-знам-кој не се „слободен софтвер“. Ние сме „слободен софтвер“ - НИЕ сфатено во што поширока смисла можно.

Bi ако те интересира зошто Дамјан не бил таму, така кажи. Дамјан баш во тој момент имаше неодложни обврски на работа - што ми помогна да не морам да избирам дали ќе одам или не. Доколку немав работа, сепак не знам дали ќе отидев: имам поделено мислење за creative commons како лиценци, поделено мислење и за creative commons како некое движење.

Ова всушност и не е само мое мислење. Пред само неколку дена на iSummit во Дубровник беа собрани луѓе од целиот свет, од различни култури и проекти. Хакери, правници, geek-ови и што ја знам. Можеби единствените несогласувања во дискусиите беа за тоа колку creative commons всушност претставува „Слободна култура“ и дали во дискусиите за лиценци, регулација, закони и права, ја занемаруваме слободата на создавање и споделување идеи и знаења - основите на ова што го викаме човечко општество и култура. Таа дискусија останува уште да се води на другите собири и самити.

Доколку присуствував на конференцијата ќе требаше јавно да реагирам со моите резерви кон creative commons, но и кон Метаморфозис, т.е. начинот на кој беше сработен проектот. Од друга страна пак, не мислам дека таков тип на формална прес-конференција е вистинското место за такви дискусии. Значи можеби сепак и немаше да присуствувам. Од трета страна, не можам сегде да присуствувам и да сакам. Но, ете други луѓе од заедницата на слободен софтвер биле присутни ... и како што разбрав поставиле интересни прашања - и драго ми е за тоа :) . Можеби тоа не се прашањата кои јас би ги поставил, можеби не реагирале јас како што би реагирал ... а изгледа Божо и Bi и Уфо не се согласуваат меѓусебно ... и уште подобро што е така. Плуларизам на мислење - maybe you've heard of it. (уствари прашањата на Божо беа на место и мене ме интересира истото).

На крајот, кој беше прозван? кој имаше обврска да биде присутен? зошто? и од што Bi се почуствува повредена?


Објавено: чет, 21 јун 16:54:21 CEST 2007
[æ]