Денес, успешен протест на плоштад под мотото „Плоштад Слобода“. Бевме собрани голем број луѓе, млади но и постари, да го афирмираме нашето право како граѓани да го искажеме нашиот став, ако треба и преку протест.

Најважно, немаше инциденти - што можеби покажува дека луѓето и не баш туку така се собираат „спонтано“ да тепаат други.

Мојот личен мотив да отидам на протест беше чувството дека во последниве 18-тина години на независност, не успеавме да изградиме капацитет за граѓанско размислување и делување. Од година во година, постојано се прави по некоја отстапка од граѓанскиот концепт на општество, од републиканското уредување на државата. Тоа доведе и до моментот, пред 2 недели да биде насилно прекинат мирниот протест против црквата на плоштадот... и уште пострашната ноншалантност кон таа случка од страна на дел од институциите во државата.

По таа случка се почуствував и лично одговорен. Во последниве 10 години, мислев дека треба да се занимавам само со тоа што најдобро го знам (активности поврзани со слободниот софтвер), а за останатото ќе се погрижат тие кои им е тоа работа. Но не било така.

„The price of freedom is eternal vigilance“ рекол Томас Џеферсон (цената на слободата е постојана будност/бдеење). Сега останува на сите нас, малку по малку, повторно да ја освојуваме слободата.

Се гледаме на следниот протест :)


ps.
Новица веќе спомна, но да повторам... Фрчковски, Милчин, Костовски и уште кој не беше, немаат што да бараат на протестот. Јасно дека како граѓани имаат право, но тие за разлика од нас другите имале и сеуште имаат многу поголем простор да си ги искажат своите ставови и мислења, и имале и уште имаат и ингеренции и влијание да ги поправат работите. Која иронија е градоначалникот кој го затвори паркот да се појави на протест за слобода.

УА ефтини профитери!!! Се надевам не се гледаме на следниот протест.



Објавено: саб, 11 апр 23:59:21 CEST 2009
[æ]