Сакале или не, сите ние имаме некои политички ставови. Без разлика колку ни се гадни предизборните кампањи, билбордите со грди фаци, предкооперациските финти на митинзите - колку и да сакаме да побегнеме од целиот тој циркуз на глупост и невкус, сепак ние сме политички луѓе... Дали алкохолот треба да се продава по 19 часот или не, дали во кафичите треба да е дозволено пушење, дали улиците треба да имаат патека за точаци, колкав треба да биде буџетот и како да се алоцира (дали за образование, или полиција, или инфраструктура), прогресивен или линеарен данок, споменици или болници, субвенционирано или приватно здравство... сето тоа се политички прашања за кои нема лесен одговор.

Техничките прашања лесно се одговараат, може да се пресмета и увиди дали на некоја улица и се потребни поправки. Но кога имаш ограничени средства, многу е потешко да се утврди кога таа улица треба да се поправа (пред или по избори), со кои пари, и дали не е подобро истите пари да се инвестираат во некое школо, или во друга улица на која исто и треба поправање.

Исто така лесно е да се детектира дека на администрацијата и е потребна компјутеризација (т.е автоматизирање на процесите со примена на информатичка технологија), но сосема друго прашање е дали државата треба да вложува во затворени производи на приватни компании (vendor lock-in), или да вложува во одржливи системи базирани на слободен софтвер од кои сите граѓани би имале корист.

Нашиве партии се чини политичките ставови најмалку ги интересираат. И оваа изборна кампања се сведе на кој повеќе ќе пљука по другите и ќе се дере ко да кажува нешто многу важно. Така е и полесно, бидејќи ако се заложат за некои конкретни ставови, идеи и проекти, после ќе треба и да го одработат тоа.

А вака, луѓето со изградени ставови, згрозени, нема да излезат на избори или ќе го поништат ливчето, а тие што се палат на лидери и едноумни толпи, уредно ќе си ги наполнат избирачките кутии. А пак тоа ја гради следната генерација на политичари, кои гледаат дека само со се повеќе урлање и примитивизам се добива шанса за промовирање на своите политики. (cue in: NiN - The Downward Spiral)


Некои нема да гласаат чуствувајќи дека му дале власт некому - но твојот глас не треба да дава власт, туку да ја обврзе власта да ги исполни твоите очекувања.

Некои пак не сакаат да гласаат за некој што ќе (би) изгуби(л) - но гласањето не е навивање за омилениот фудбалски тим, нити треба да гласаш за да победи некој, нити мора да гласаш за омилената партија.

Треба да гласаш за да го афирмираш твојот политички став, да кажеш дека си спремен да го вложиш твојот глас во демократскиот систем, да кажеш дека и за твоите идеи треба некој да се бори. Можеби не на овие избори, можеби на следните. За да не остане само на заведената толпа.


Јас лично ќе гласам за ЛДП.
ЛДП слушнете, не сте најубавите. Не гласам ниту за Боцевски, ниту за Жерновски, да знаете, да беа само они нема да го добиевте мојот глас. Вашата програма се залага за „... имплементација на open source софтверски решенија за образованието“ и од Вас очекувам навистина да се посветите за ова прашање (btw на македонски се вика слободен софтвер), било во владата, било во парламентот.

Ќе гласам и за Најчевска, поради нејзината ревност во заложбите за правната држава, владеење на правото - нешто што ми се чини е многу загрозено кај нас (но не поради периодичните нервозни испади и етикетирања).

ЛДП од вас очекувам, и гласам за престанок на војната против дрогите, и за нивна декриминализација и легализација. Гласам и за престанок на војната против интернетот и таканаречените „пирати“. Гласам и за еднакви права на сите луѓе, геј, стрејт и за нивна слобода да си се занимаваат со што сакаат. Гласам и за слобода на вероисповест, но не за разноразни верски заедници со специјални привилегии во општеството.

Ќе гласам, со надеж дека еден ден ќе видам вистинска борба на спротиставени политички ставови, колку и недостижно да изгледа тоа денес.

Објавено: пет, 03 јун 16:26:02 CEST 2011
[æ]